Кошаркарите на МЗТ Скопје се старо-нов првак на Македонија, откако во финалната серија против Пелистер славеа со 3-1. Со првиот „брејк“ во финалето, скопјани славеа во „Боро Чурлевски“ со 93-102 и тоа беше доволно за деветта титула во Првата лига. Иако се играше релативно изедначен прв дел, битолчани загубија сила и МЗТ на искуство и поширока клупа дојде до победата.
Пелистерци имаа старт од соништата, тргнаа со 7-2 и битолската публика се понадева на добро спортско попладне. Сепак, тоа не беше проблем за гостинот кој бргу се врати до егал, во неколку наврати минимално поведе, но и натаму домаќинот беше во прв план. МЗТ добро ја отвори втората четвртина, поведе со 32-37, но следеше нов егал. До полувремето аеродромци беа екипата која контолираше, водеше и изгледаше подобро на паркетот. Највисоката предност во првиот дел беше 40-48, додека на пауза се замина со 51-56.
Веднаш на отворањето на продолжението „штрковите“ дојдоа првпат до двоцифрена предност. Пелистер дури тогаш почна да заостанува, а иако во еден момент пријде на 63-65, тоа беше сè од битолчани. МЗТ Скопје третиот период го затвори со двоцифрено водство, најавувајќи ново славје во скопски Аеродром. Ако имаше дилеми каде ќе заврши титулата, МЗТ со одлична одбрана покажа сила на стартот на одлучувачките десет минути. Во тој период дојде до највисоката предност од 16 поени, која беше превисока за достигнување. Пелистер имаше последен налет да се врати резултатски, пријде на едноцифрен дефицит, ама остана без здив и титулата одново ќе патува во престолнината.
Убедливо најдобар играч на натпреварот беше Немања Милошевиќ од МЗТ со 31 поен на своето конто, а добри партии имаа Рикиќ и Војдан Стојановски со по 17. Кај битолчани се истакна Малешевиќ со 21, додека Кесар уфрли 19 поени.М