Камерунскиот интернационалец Џоел Ембид, полека станува најголем фаворит за МВП-признанието сезонава во НБА, одличната форма ја демонстрира со монструозна партија во триумфот на Филаделфија севентисиксерс против Бостон селтикс (103-101).
Тој постигна повеќе од половина од поените на својот тим, средбата ја заврши со 52 поени и 13 скока. Веднаш зад него беше Џејмс Харден со 20 поени и 10 асистенции, додека најдобар кај „келтите“ беше Дерик Вајт со 26 поени и седум скока.
Кошаркарите на Феникс санс, со триумфот во дуелот со Сан Антонио спарс (114-95) станаа четврти тим во Западната конференција кој осигурал пласман во плејофот. „Сонцата“ имаат скор 44-35 и веќе и теоретски не можат да паднат подолу од местата кои водат во доигрувањето. Девин Букер беше најпрецизен со 27 поени, Крис Пол дополни со 22 поени, додека Деандре Ајтон реализира 19, а Кевин Дурант 18 поени.
Леброн Џејмс ноќеска потсети на своите најдобри денови, откако со 37 постигнати поени беше најзаслужен за триумфот на ЛА Лејкерс на гости кај Јута џез (135-133) по едно продолжение, што е четврта по ред победа за „езерџиите“, кои се уште се во игра барем за место во плејинот.
Денвер нагетс неочекувано загуби во дуелот со Хјустон рокитс (103-124) во меч во кој Никола Јокиќ одигра само 24 минути и постигна 14 поени со 10 скока, што и не му оди баш во прилог во трката по МВП-трофејот со Ембид.
РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Торонто 100-120, Детроит – Мајами 105-118, Орландо – Кливленд 113-117, Вашингтон – Милвоки 128-140, Бруклин – Минесота 102-107, Чикаго – Атланта 105-123, Хјустон – Денвер 124-103, Мемфис – Портланд 119-109, Њу Орлеанс – Сакраменто 103-121, Филаделфија – Бостон 103-101, Јута – ЛА Лејкерс 133-135, Голден Стејт – Оклахома 136-125, Феникс – Сан Антонио 115-94.