Цедевита Олимпија ќе игра мајсторка со белградски Партизан во полуфиналето во регионалната АБА-лига, откако вечерва во Љубљана, славеше со 95-83 во вториот меч од оваа серија.
Иако Партизан тргна добро во натпреварот, највисоки плус осум (21-13), љубљанчани одговорија со серија 16-2.
Со серијата од 13-3 после егалот 38-38, Олимпија на пауза замина со плус 10 (51-41), во третиот период дојдоа и до плус 14 (73-59), со најава дека нема да ја пропуштат шансата да се изборат за мајсторка и во завршниот период, четата на Жељко Обрадовиќ немаше сила за некаков џиновски кам-бек. Олимпија дојде и до најголемите плус 16 и тоа неколкупати, последен пат 87-71.
Јоги Ферел со 21 поен, осум скока и седум асистенции беше предводник на љубљанчани, а Зоран Драгиќ додаде 12, додека кај Партизан Кевин Пантер погоди 24 поени со осум скока, Данте Ексум имаше 16 поени, а Џејмс Нанали додаде 14 поени.
Црвена Звезда, актуелниот бранител на трофејот уште пред десет дена веќе го обезбеди финалето во регионалното натпреварување.