Екипата на МЗТ Скопје е на чекор до освојување на деветтата шампионска титула во клупската историја, откако вечерва, на домашен терен, лесно и убедливо го совлада Пелистер (86-62) и поведе со 2-1 во финалната плејоф-серија што се игра до три победи.
МЗТ ги одигра можеби најдобрите 25 минути во домашното првенство сезонава, во кои буквално го прегазија гостинот од Битола. Делумна неизвесност траеше само до средината на првиот период, по што аеродромци со серија 15-3 дојдоа до плус 11. Потоа, дојде ново сино-бело цунами со 36-9, за највисоки на мечот плус 36 (66-30), што значеше ерупција на трибините. Тоа беше НБА-период на избраниците на Александар Петровиќ, со оглед што имаа речиси десетина атрактивни забивања.
Немања Милошевиќ со 23 поени и седум скока беше најпрецизен во тимот од „Јане Сандански“, додека зад него беа Војдан Стојановски и Хуан Дејвис со по 14 поени заедно со пет асистенции односно шест скока. Дејвид Хотон и Игор Кесар со по 15 поени беа најпрецизни кај пелистерци.
Следниот меч од серијата, кој воедно е и меч-топка за МЗТ Скопје, е закажан за в петок во Битола. Ако Пелистер успее да изедначи на 2-2, тогаш решавачкиот дуел за титулата ќе се одигра в недела во „Јане Сандански“.