Во НБА-лигата се одиграа прилично малку натпревари, но на секој од нив имаше по нешто интересно за одбележување.
Феникс беше подобар од ЛА лејкерс со 115-110 во меч на кој кај гостите го немаше Леброн Џејмс. Ентони Дејвис стана првиот играч по Чарлс Баркли од 1988 наваму што на еден меч имал барем 35 поени, 20 скока и 5 украдени топки. Веѓата на четири меча по ред има над 30 поени и 15 скока, а против Санс имаше и пет блокади.
Филаделфија го победи Бруклин со 115-106, во првиот меч на Бен Симонс во салата во Градот на братската љубов по трансферот од 76-ките во Нетс. Публиката беше непријателски настроена кон него, па победата над Бруклин им донесе големо задоволство.
Детроит предводен од Бојан Богдановиќ, кој даде 22 поени, оствари изненадувачка победа над Денвер од 110-108. Никола Јокиќ имаше 31 поен, 10 асистенции и 9 скока.
Сакраменто со 113-109 победи на гостувањето во Мемфис. Тоа е седма победа по ред за Кингс, што за кралевите е најдолга низа од 2004 година наваму. На овој меч се случи нешто необично, домашниот играч Џа Морант побара од противничкиот играч Малик Монк да погоди слободно фрлање.
Со кош на Монк, Гризлис ќе имаше напад со шанса за изедначување. Монк погоди, но Морант, кој доби шанса со три слободни фрлања да израмни, утна две, па Кингс дојде до победа.