Тимот на Денвер Нагетс им се врати на победите во НБА лигата и тоа во дуелот со Кливленд Кавалирс кој го доби во своја полза со резултат 130:101.

Нагетс загубија од Феникс Санс и Минесота Тимбервулс во претходните два натпревари на домашен терен што навистина ретко им се случува, па  беа решени да се вратат на посакуваниот пат и со сигурно, доминатно издание го решија клубот од Охајо.
Во прв план беше Јокиќ со трипл-дабл издание од 26 поени, 18 скока и 16 асистенции, одличен беше и Колдвел-Поуп со 22 кошеви, а двоцифрени беа и Портер Џуниор, Џексон и Браун. Мобли пак со 23 кошеви се истакна кај поразените.

Лука Дончиќ пак имаше блескаво издание против тимот кој е во најдобра форма во лигата во изминатиов период Хјустон Рокетс. „Ракетите“ влегоа во тексашкото дерби со 11 победи во низа, но Лука одлучи дека е време да се стави крај на таа серија и тоа со фантастичен учинок од 47 поени.

Словенецот беше незадржлив, симаше уште 12 скока, забележа 7 асистенции и имаше украдено 2 топки. Ирвинг придодаде 24 поени и сега Маверикс има ефект 45-29 со што е израмнет со Њу Орлеанс на Западот.

 

Лос Анџелес Лејкерс предводен од Леброн Џејмс кој испрати девет тројки од десет обиди и испорача цели 40 поени славеше над Бруклин Нетс со 116:104.