Фудбалерите на Струга Трим Љум остварија рутинска победа во ПМФЛ, во пресметката со Воска Спрот победија со 3-1 (0-0) во дуелот во кој сите голови беа постигнати во второто полувреме. Гостите од Охрид вториот дел го одиграа со играч помалку.
Стартот на „езерското“ дерби започна со неколку посериозни шанси во првите петнаесет минути. Албанскиот интернационалец во редовите на шампионот, Мазрекај уште во петтата минута имаше можност да донесе водство за својот тим, откако од втора статива биеше силно, но само во блокот од домашната одбрана. Во следниот напад одбраната на Воска пак беше на искушение, овој пат во фокусот беше Кампаоре, кој се најде сам пред голманот Захов, но искусниот чувар на мрежата го затвори аголот и ја оствари првата интервенција на натпреварот.
Гостите од Охрид имаа шанса преку Јахији, кој доби топка и ш1утираше со глава, но не успеа да ја затресе противничката мрежа.
Струга имаше контрола на теренот и играше на половината на гостите, со неколку возбудувања во казнениот простор на Воска. Во 30. минута Ибраими испрати „бомба“ од далечина, а потоа непрецизен обид имаше и Мазрекај. Во самиот финиш Ибраими дојде до зицер, но Захов одново излезе како победник.
Второто полувреме започна со исклучување и пенал за Струга. Во 55. минута Радески одлично се загради во судирот со Стјеповиќ и излезе сам пред Захов. Но, Црногорецот го собори и главниот судија сосема оправдано досуди најстрога казна и црвен картон за гостинскиот фудбалер. Реализатор на ударот од пенал беше Ибраими (1-0).
Не поминаа ни четири минути од голот а Захов уште еднаш беше совладан и Струга поведе со 2-0. Нигерискиот играч за врска, кој попладнево одигра речиси без грешка во средниот ред, одлично реагираше по еден отпадок и ја смести топката во посакуваната цел.
Но Воска немаше намера да се предаде и покрај играчкиот дефицит на теренот во 63. минута постигна гол и ја врати неизвесноста на натпреварот. Нововлезените Ѓоргиев и Марушиќ изведоа акција во казнениот простор на противникот, а Црногорецот рутински погоди за 2-1. Сепак, искусните фудбалери на Струга не дозволија Воска целосно да се врати во игра, а крај на сите надежи на охриѓани стави Бесарт Ибраими со својот втор гол (3-1).
Струга Трим Љум повторно е на плус три бода во однос на Шкупи, додека Воска остана на деветтата позиција со 27 бода, еден повеќе од Вардар.