Колумнистот на Марка, Карлос Гонзалез бара играчите на Барса, Роберт Левандовски и Жоао Кансело да добијат суспензија од два натпревара поради тоа што намерно добија жолти картони на завчерашниот натпревар против Лас Палмас.
Двајцата ги чистеа картоните пред претстојното Ел Класико и нема да бидат во комбинација за дуелот со Кадиз во претстојното коло. Левандовски доби жолт картон затоа што се „влечеше“ при напуштањето на теренот во 81. минута, а Кансело во самиот финиш направи груб старт поради кој беше санкциониран.
За ова во Шпанија почна да се пишува во 2019 година кога УЕФА го суспендира Серхио Рамос поради тоа што намерно доби жолт картон на натпревар од ЛШ. За разлика од европската фудбалска унија, Ла Лига никогаш не казнила фудбалер за чистење картони.
Ел Класико е на програмата на 21 април на „Бернабеу“ и може да го одлучи новиот шампион во Ла Лига. Сепак, дури и да победи Барселона, мали се шансите на „каталонците“ да дојдат до титулата во шпанското првенство бидејќи предноста на Реал изнесува осум бода, а Барса има и нешто потежок распоред до крајот на сезоната.