Вечерашната пресметка против Реал Мадрид во четвртфиналето од плејофот во Евролигата, за кошаркарите на Партизан ќе биде во втор план.
Големата трагедија која синоќа се случи во основното училиште во Белград, „Владислав Рибникар“ ја потресе Србија и земјите во регионот. Поради ужасната трагедија, Партизан одлучи вечерва да настапи со комплетно црни дресови.
На дресовите ќе го има и името на училиштето „Владислав Рибникар“ каде вчера беа убиени девет лица од кои осум деца.
Натпреварот ќе почне со минута молк, а во „Штарк арената“ нема да има музика, ниту пропратна програма во текот на натпреварот.
Навивачката група „Гробари“ побара од гледачите да не навиваат во текот на првото полувреме од вечерашниот дуел.
Во Србија од петок ќе биде прогласена тридневна жалост.