Се појави детално видео од инцидентот на кошаркарскиот спектакл во Мадрид. Додека течат 24-те часа во кои независен дисциплински суд на Евролигата ќе решава за казните, шпанска „Марка“ објави добро изработена анализа на инцидентот од синоќешниот меч меѓу Реал и Партизан.
На видеото акцентирани се сите моменти кои ќе бидат на удар на анализата на судот и сите актери, кои би можеле да добијат казна. За Партизан тоа се Кевин Пантер и Матијас Лесор, а кај Реал на тапет се Гершон Јебуселе и Серхио Љуљ.
И покрај џудо-зафатот на Јебуселе врз Данте Ексум, кој го извлече најдебелиот крај, сепак тој не е причината за повредата на Австралиецот од Партизан. Оштетената тетива на стапалото е од Аргентинецот Габриел Дерек, кој го нагази Ексум, па ќе биде интересно да се види, дали и него ќе го фати сечилото на судот.