Дончиќ одново покажа дека има натприроден талент- постигна 45 поени и кош од 25 метри. Екипата на Далас маверикс излезе како победник против Орландо меџик (131-129), за што најзаслужен повторно беше Лука Дончиќ, кој средбата ја заврши со неверојатни 45 поени.
Лука феноменалниот поентерски учинок го надополни со 15 асистенции и со девет скока, а ја одушеви публиката и со кош од речиси 25 метри на крајот од првото полувреме, кој, за жал, не беше признат бидејќи за малку беше упатен по последниот звук на сирената. Расположен за игра кај „телињата“ беше и Тим Хардавеј со 36 поени.
Кошаркарите на Оклахома сити тандерс го претрпеа вториот пораз по ред и од првото падна на третото место во Западната конференција. „Громовите“ овој пат загубија од новиот лидер на Западот, Минесота тимбервулфс со 101-107. Ентони Едвардс со 27 поени и Карл-Ентони Таунс со 21 поени и 10 скока беа најдобри кај Минесота, додека на спротивната страна Шеј Гилџес-Александер постигна 37 поени.