Никола Јокиќ оствари трипл-дабл во победата на Денвер нагетс во синоќешната пресметка против Милвоки бакс (113-107) во меч од НБА лигата.
Шампионот дојде до триумф и покрај тоа што имаше двоцифрена негатива во првата четвртина, но веќе до полувремето се врати во игра бидејќи успеа да дојде до 56-56. „Елените“ послабо ја одиграа третата четвртина во која постигнаа само 19 поени и се најдоа во негатива која не можеа да ја надополнат во последните 12 минути.
Јокиќ дуелот го заврши со 25 поени, 16 скока, 12 асистенции, три украдени топки и две блокади. За него тоа беше 14. трипл-дабл сезонава, а вкупно 119. во кариерата, со кој што дополнително се доближи до третото место на вечната листа на Меџик Џонсон, кој сега има 19 вакви натпревари повеќе од Србинот. Најефикасен беше Џамал Мареј со 35 поени, додека на другата страна Јанис Адетокумбо натпреварот го заврши со 29 поени и 12 скока.
Денвер сега има 33 победи и 15 порази, додека Милвоки остана на 32 триумфи и 15 загубени натпревари. Двата тима моментално се на второто место во нивните конференции – Нагетс на Запад, Бакс на Исток.