Изненадувањата на Купот на африканските нации во фудбал и понатака продолжуваат. Африканскиот континент ќе добие нов првак, откако шампионот Сенегал загуби од домаќинот Брегот на слоновата коска по изведување на пенали (1-1, 5-4). Иако се пласира во осминафиналето како една од најдобро третопласирани селекции, домаќинот стигна до победа во полноќниот трилер против Мане и другарите.
Диало беше стрелец за водство, погоди во четвртата минута и Сенегал предноста ја задржа до самиот крај на натпреварот. Во 86. минута кога Франк Кеси успешно изведе пенал за домаќините и натпреварот отиде во продолжение.
Во дополнителните половина час игра немаше резултатски промени, па пеналите го решија победникот. Херој на домаќините пак беше Кеси, поранешниот играќ на Барса, кој ладнокрвно го измами Едуард Менди и донесе четвртфинале за „слоновите“.
Меѓу осумте најдобри се пласира и Зеленортските острови, кои ја совладаа Мавританија со 1-0.