Кошаркарите на Канада го освоија бронзениот медал на Светското првенство, прв историски медал за оваа земја, совладувајќи ги САД со голема победа во „малото финале“ со 127-118 по продолженија. Во трилер завршницата Американците се извадија во последна секунда за да не загубат во регуларните 40 минути.
Дилон Брукс и Шај Гилџус-Александер заедно дадоа 70 поени, а со 17 тројки Канаѓаните ја трасираа победата. Стигнаа до најголемиот успех во историјата, во натпреварот во кој уште од првата четвртина дојдоа до двоцифрена предност. Американците во вториот период поведоа, но Канада на полувреме замина со предност, а во третиот период повторно ја достигнаа двоцифрената предност.
Канаѓаните беа во водство до завршните пет минути во кој САД со две тројки ја стопи предноста, успеа да поведе, но застана. Од 107-106, Канада даде пет поени за 111-107 и во последниот напад, Микел Бриџис погоди едно слободно фрлање, второто намерно ѓо промаши, ја фати топката и со тројка избори продолженија.
Во дополнителните пет минути, Канада беше порасположена, на Американците им дозволија само седум поени и на крајот заслужено победија.
Брукс постигна 39 поени, четири скока и пет асистенции, а Гилџус-Александер додаде 31 поен со шест скока и 12 асистенции за К анада. Ер-Џеј Барет додаде 23 поени во победата.
Кај Американците, Ентони Едвардс со 24 поени и Остин Ривс со 23 поени беа најефикасни, а Бриџис постигна 19.
Од 14.40 часот е големото финале за светската титула Србија – Германија.