Енис Барди со мајсторија од слободен удар од 20 метри десет минути пред крајот го обезбеди новото реми, второ во четирите пресметки со „аѕурите“, за добар рестарт на македонската селекција после јунското фијаско и срамот во Англија.

 

Македонија безмалку цел натпревар се бранеше, Италија уште од стартот тргна офанзивно, во првиот дел направи пет шанси. Сандро Тонали погоди дирек, еднаш Столе Димитриевски одбрани удар на Чиро Имобиле, трипати ги изблокиравме Италијанците во последен момент. Само една голема шанса направивме која Бојан Миовски ја промаши со глава на центаршут на Езгџјан Алиоски.

Само што почна вториот дел, „аѕурите“ преку Имобиле дојдоа до водство. Македонија тргна поамбициозно, Елиф Елмас сериозно се закани со шут, а во финишот Барди ги казни за помалку калкулантскиот пристап во последната третина од средбата.

За Македонија ова е четврти бод во овие квалификации од четири меча, исто толку има и Италија од три, Украина е втора со седум после ремито со лидерот Англија (1-1), која има 13 бода од пет меча. Малта е наш следен противник е без бод. Италија и Украина играат во вторник, во терминот кога ние гостуваме кај Малтежаните.