Србија и Германија ќе се борат за титулата светски шампион во кошарка. Ова е прво финале за Србија по пауза од девет години, последен пат играше во 2014 година кога загуби од дрим тимот на САД, и ќе има можност по 21 година повторно да го крене шампионскиот пехар. Во 2002 година, тогашната СР Југославија во финалето ја совлада Аргентина (84:77).
Иако на СП допатува без најдобриот кошаркар, Никола Јокиќ како и без одличниот Василије Мициќ, Србија успеа со одлична колективна игра да дојде до финалето. Србија во полуфиналето ја победи Канада (95:86), а претходно во четвртфиналето падна Литванија (87:68). Уште еден адут на Србија е селекторот Светислав Пешиќ кој во 2002 година како селектор на тогашната СР Југославија стана светски шампион.