Германската репрезентација доживеа уште еден срамен пораз откако во Волфсбург на пријателски натпревар загуби од Јапонија со 1-4. Тоа требаше да биде натпревар каде Германија конечно ќе го фати моментумот за Европското првенство следната година, но се претвори во хорор за играчите на Ханси Флик кои ја фрлија во очај една од најголемите фудбалски нации.
Јапонците пристигнаа во Волфсбург девет месеци откако ја шокираа Германија во првото коло на Светското првенство во Катар кога ја победија со 2-1. Германија беше елиминирана во групата на СП, а ова беше барем мала можност да возвратат против Јапонците.
Јапонците поведоа во 11. минута со голот на Ито, но Германија возврати осум минути подоцна преку Лирој Сане.
Сепак, веќе во 22. минута Уеда среќно погоди за 2-1, по што Јапонците имаа уште два многу опасни контранапади од кои не постигнаа гол. Свои шанси имаа и Германците, но се чини дека им недостига вистински напаѓач кој ќе ги реализира шансите.
Јапонија успеа да го задржи налетот на домашната селекција и во самиот финиш на мечот стави точка на убедливата победа. Најпрво Асано по третпат ја затресе мрежата на Германците, а триумфот го „запечати“ Танака во 92. минута, за конечни и огромни 1-4.
„Самураите“ извојуваа важна победа, иако се работеше за пријателски натпревар, додека Германија ќе има нова прилика за „поправен испит“ на следниот меч против Франција.