Шпанскиот шампион Барселона ја оствари третата победа во низа откако вечерва на домашен терен, потешко од очекувањата го совлада Лас Палмас со 1-0.
Стручниот штаб на Барса, (Чави заради суспензија не ја водеше екипата од клупата) им даде доверба на Рафиња и Серхио Роберто од првата минута, а шанса во одбраната доби и 17-годишниот Пау Кубарси. Првакот целосно доминираше, Левандовски ја погоди пречката, Рафиња постигна гол кој беше поништен заради офсајд, а колосална шанса промаши и Серхи Роберто. Моментот кој го обележа првиот дел се случи во 25. минута кога голманот Алваро Валес надвоr од казнениот простор го сруши Рафиња по еден брз контранапад и заработи директен црвен картон.
Голот за триумф го постигна Рафиња кон средината на второто полувреме, а мора да се истакне тоа дека три четвртини од натпреварот, Барса играше со фудбалер повеќе поради исклучувањето на противничкиот голман Ваљес. „Каталонците“ го искористија натпреварот со Лас Палмас за да се исчистат од жолти картони, па против Кадиз во следното коло нема да играат Левандовски, Гундоган и Кансело, а сето тоа поради дербито против Реал Мадрид за две недели.
Во пресрет на утрешниот меч на Реал против Атлетик Билбао, Барса сега е на -5 во однос на лидерот на табелата, на осум кола пред крајот на сезоната.