Милан се зацврсти на второто место со четвртата победа во низа откако славеше на гостувањето кај Фиорентина во Фиренца.
Се што беше важно на овој меч се случи во период од шест минути, од 47. до 53. во кои беа постигнати сите три голови. Резултатот го отвори Лофтус Чик, три минути подоцна израмни Данкан, а точка стави Рафаел Леао. Фиорентина имаше свои шанси да дојде барем до израмнување, но не успеа во тоа.
Во лудото второ полувреме во Фиренца најдобриот фудбалер на Милан оваа сезона, Рафаел Леао со мајсторски слалом беше стрелец за 1-2 и донесе големи три бода за својот тим.
Во последните четири кола Милан освои максимални 12 бода, а Јувентус само два, па „росонерите“ сега се бетонирани на втората позиција на табелата, со шест бода предност пред торинскиот тим. Освен тоа, Милан останува и единствен со теоретски шанси да го предизвика Интер во борбата за шампионската титула, но само ако лидерот в понеделник киксира некако во дуелот со Емполи на домашен терен.