Џејмс Харден даде 16 од вкупно 21 поен во последната четвртина за со вкупни 31 поен да ја предводи Филаделфија до победа со 116-108 против Мајами Хит и да израмнат во источното полуфинале на 2-2 во плејофот во НБА-лигата.
Харден потсети на своите најдобри денови, па блескаше и беше незадржлив во завршниот период од мечот, додека Џоел Ембид, кандидатот за МВП во регуларната сезона додаде 24 поени за триумфот и комплетно враќање во серијата во конференциското полуфинале откако првите два меча ги пропушти и двапати Мајами го искористи неговото отсуство за да дојде до две лесни победи.
Филаделфија пред полувремето стигна на двоцифрена предност (56-46), а Мајами им „дишеше во врат“, но само да дојде на минус пет и секојпат Харден во завршницата имаше решение за Филаделфија да биде на пристојна дистанца и без неизвесна завршница да дојде до победата.
Харден даде шест тројки од десет обиди, а додаде девет асистенции и седум скока. Покрај Ембид, придонес во победата имаа и Тајрис Максл со 18 поени, додека двоцифрени беа Тобијас Херис со 13, Дени Грин со 11 и Џорџис Нијанг со 10 поени.
Џими Батлер даде 40 поени, но сам не можеше да направи „брејк“. Бем Адебајо додаде 21 поен, а Виктор Оладипо имаше 15 поени, но само уште Тајлер Хиро заврши со двоцифрен ефект од 11 поени.