Словенечката ѕвезда Лука Дончиќ го водеше Далас Маверикс до победа со 111-101 против Феникс санс за израмнување на 2-2 во четвртфиналната серија во плејофот во НБА-лигата, а со своите 26 поени стана трет најефикасен играч после првите 20 плејоф мечеви во најсилната кошаркарска лига во историјата.
Дончиќ по првите 20 меча во плејофот во НБА дојде до 655 поени, а само две големи легенди се пред него со подобар ефект – Мајкл Џордан со 718 поени и Вилт Чембрлен со 705.
Синоќа Дончиќ за три скока не дојде до трипл-дабл, имаше 26 поени, 11 асистенции и седум скока и беше предводник во триумфот. Фини Смит додаде 24 поени, а Брансон 18 кај победничкиот тим.
Далас исчекори кон триумфот со првата четвртина во која направи двоцифрена предност, на Феникс му даде 37 поени во првиот период и потоа знаеше како да ја одржи истата за да израмни во серијата, па „жешките“ само пред крајот на третиот период најблизу што се приближија беше на четири негатива, по што Далас во последната четвртина повторно ја врати двоцифрената предност и до највисоки плус 14 за на крај да победи.
Девин Букер со 34 поени беше најефикасен на мечот, а за Феникс Краудер додаде 15 поени, а Ајтон 14 поени со 11 скокови.
И како по обичај, ниту еден меч не можеше без некои спектакуларни потези на Дончиќ, како за лесни поени, така и со мајсторски асистенции.