Македонската кошаркарска репрезентација го имаше првиот собир на пат кон Гевгелија, каде што неделава ќе ги одигра дуелите против Норвешка (10 ноември) и Данска (13 ноември) во склоп на претквалификациите за ЕП 2025.
Деби на овие средби се очекува од најновиот македонски Американец, Ти-Џеј Шортс, кој во жолто-црвената селекција доаѓа како најдобар стрелец во Бундеслигата.
„Пресреќен сум за шансата што ќе играм за селекција како Македонија и сигурен сум дека ќе дадам сѐ од себе за да ја оправдам довербата. Пред нас се исклучително тешки мечеви против Норвешка и Данска и верувам дека ќе одиграм најдобро што можам за да дојдеме до посакуваните победи“, ни изјави на почетокот новопечениот Македонец.
Станува збор за најдобриот стрелец во Бундеслигата, кој сигурно ќе донесе квалитет во жолто-црвената селекција.
„Од мене се очекува добро да ја организирам играта, да постигнам што може повеќе кошеви, но и да придонесам да се крене натпреварувачкиот дух во екипата“, дополни американскиот кошаркар.
Шортс призна дека не знаел премногу за државата чиј пасош неодамна доби.
„Мора да признаам дека не знаев ништо посебно за Македонија, но почнувам да учам и ќе продолжам да се надоградувам, со цел да се вклопам во новата средина. Слушав одлични работи за селекторот, соиграчите и сигурен сум дека пред нас се добри времиња и успешни резултати“.
Од Шортс сега се очекува многу бидејќи селекторот Александар Јончевски нема да може да смета на дури тројца стартери – Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски поради обврски кон клубовите и на повредениот Кристијан Николов.