Македонската кошаркарска репрезентација оствари голема победа на вечерашното гостување кај Полска (96-71) со што делумно го компензира поразот на домашен терен од Естонија и остана во игра за пласман на ЕП 2025.
Македонците одиграа фантастичен натпревар во кој покажаа дека заслужуваат по десет годишна пауза да се вратат во европскиот крем. Беа решени да се победи на дуелот во Сосновиец, а тоа се виде уште кон крајот на првата и почетокот на втората четвртина кога со неверојатна серија од 21-2 дојдоа до огромни плус 13 (29-16). Тоа беше и најава за крајниот епилог, а до крајот на полувремето уште во неколку наврати ја имавме оваа највисока предност.
Во третиот период повторно блескавме, кога почетниот налет на Полјаците го спречивме со нова извонредна серија, овој пат со 20-4 со која дојдовме до предност од неверојатни 23 поени (69-46), која речиси ни ја гарантираше победата. Полска врати со 11 поени во низа, и намали на „само“ минус 12 (57-69), но тоа не ги уплаши избраниците на селекторот Александар Јончевски, кои вратија со нова серија 10-0 и ставија крај на сите можности за некаков сензационален пресврт на домаќините.
Ненад Димитријевиќ беше нашиот најдобар играч, алфа и омега во тимот. Нено повторно блескаше и средбата ја заврши со 32 поени, на кои додаде и седум скока и осум асистенции. Веднаш зад него беше американското засилување Итан Хап со 19 поени и седум скока, а двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Стојан Ѓуроски со 14 и Андреј Маслинко со 10 поени. Сето ова беше остварено без помошта на Војдан Стојановски, кој се повреди уште во првата минута и потоа воопшто не влезе во игра.
Македонија сега има скор 1-1, колку што има и фаворизираната Литванија, која вечерва загуби на гостувањето кај Естонија (59-65), која, пак, е лидер на табелата со учинок 2-0. Последна е Полска со 0-2, која ионака не е во игра за еден од билетите за ЕП, бидејќи веќе има обезбедено настап како домаќин на едната од групите. Следните две средба за нашите кошаркари се во ноември, кога ќе играме дома и на гости против Литванците.
Кај Полска најрасположен кошаркар беше Михал Михалик со 20 постигнати поени.
Македонија со една победа и еден пораз ги задржа шансите за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи следната година.