Историја во Тафталиџе! Еден од најмладите прволигаши, екипата на ТФТ, приреди изненадување и во финалето од Купот на Македонија го совлада бранителот на тронот МЗТ Скопје (80-66) и така ја освои првата историска титула во своето постоење.
Две години е прволигаш, но ТФТ предводен од тренерот Боро Смилковски бележи завидни резултати. Лани ги намачи сите во најквалитетното друштво, настапи и за првпат во Купот, а откако го задржа костурот оваа сезона, далеку поискусен, колективот дојде и до првиот трофеј во историјата, воедно го сопре МЗТ на патот до историја и единаесетта круна. Покрај над МЗТ, ТФТ славеше и над Пелисер и Академија ФМП на овој турнир и стана деветтиот освојувач на овој престижен пехар.
Дуелот почна изедначено, а потоа ривалот од Тафталиџе го зададе првиот удар. Дебитантот во финалето предводен од Маслинко и Бишоп се одлепи на 15-9, но МЗТ предводен од високиот Рикиќ се врати до крајот на првиот период и намали на 21-17. Таа позитива од четири поени ТФТ ја задржа и до полувремето (41-37), а во третиот квартал, откако избраниците на Смилковски влегоа во проблеми со фаули, потоа и Маслинко доби техничка, МЗТ се врати во мечот.
Во средината на третиот квартал МЗТ преку Робев и Стојановски се одлепи на 44-48, но одбраната на „штрковите“ потоа не најде решение за Ландриус Хортон кој царуваше на теренот и со седум поени во низа ја врати предноста за ТФТ (51-48). Потоа, поентира и Амир Смит за „плус пет“, а Костоски и Мајкл на влезот на последниот период на предизвикувачот на првакот му донесоа 60-53.
На отворањето на последните десет минути Ташовски влезе од клупата и даде поддршка со три поени во низа, за највисоки „плус десет“ за ТФТ (63-53), а дополнителен проблем за МЗТ беше петтата исклучувачка лична грешка на капитенот Дамјан Стојановски. Позитивата од десет поени се одржуваше и понатаму, пред се благодарение на одличниот шутер Хортон кој беше енигма за одбраната на бранителот на тронот. На влезот во последните пет минути МЗТ почна вртоглаво да греши и нервозата беше евидентна, па ТФТ не си дозволи да ја испушти предноста.
Феноменален кај победникот беше Ландриус Хортон со 23 поени и седум скока, поддршка му беше Александар Костоски кој погоди неколку тешки шутеви и заврши со 13 поени, додека Амир Смит имаше „дабл-дабл“ од 12 поени и 17 скока. Кај МЗТ Скопје прв поентер беше Роберт Рикиќ со 16 поени, додека Дамјан Робев впиша 12 поени.Ис