Екипата на Барселона по четврти пат во последните пет години го освои Купот на кралот, по 27-ми пат во клупската историја.
Барса во финалето во Гранада го совлада Реал со 64:59.
До самиот крај на првата четвртина Барселона постигна само три поени, Реал водеше со 19:3. Миротиќ успеа да намали на 19:5 од линијата за слободни фрлања на 23 секунди до крајот на првата четвртина.
Во тој дел од играта Абалде беше најрасположен кај Реал со шест поени, стрелаше 3/3 за два. Кај Барса, Миротиќ постигна четири поени во тој дел од играта, а од сите други Дејвис постигна еден поен. Така, од пет постигнати поени во првата четвртина, Барселона постигна три од линијата за слободни .
Во вториот дел Барса почна да се буди, не му дозволи на Реал да ја зголеми предноста, но и двете екипи имаа проблеми во нападот, па и во вториот дел имаше малку кошеви.
Реал во вториот дел влезе со 11 поени предност, беше 29:18, но во третата четвртина Барса полека почна да ја топи таа разлика и во финишот од овој дел од играта заостана само три поени – 44 :41.
Со тројката на Лапровитола на почетокот на последната четвртина Барселона конечно стигна до израмнување 46:46 и најави спектакуларен финиш.
Барса набрзо поведе со 48:46, што беше нејзино прво водство од почетокот на мечот.
Со кошот на Јокубаитис од слободно фрлање, Барса дојде до „плус три“ – 54:51. Јокубаитис во тие моменти беше во серија, повторно изнуди фаул со признати поени и на влезот во последните три минути зголеми на 57:53 во корист на Барса.
Дејвис потоа погоди за 59:53 и Барселона беше се поблиску до трофејот. Времето работеше за Каталонците, Реал најпрвин успеа да намали на 59:55, а Ханга во последен момент изнуди прекршок на влез. Но, во таа прилика го повреди зглобот, не можеше да го продолжи мечот, па наместо него слободните фрлања ги изведе Серхио Љуљ. И двата пати беше прецизен и намали на 59:57.
Миротиќ беше изблокиран од Тавареш во следниот напад на Барса, по што Љуљ погоди во контра-напад за израмнување – 59:59!
На 33 секунди до крајот Миротиќ изнуди прекршок и од линијата за слободни фрлања ја врати предноста на Барселона – 61:59.
Следуваше тајм-аут на Реал, а потоа Дек промаши чист „зицер“, Барса го задржа водството. Веднаш беше направен прекршок врз Миротиќ, кој од линијата за слободни фрлања повторно го зголеми водството на Каталонците на 63:59. По новиот тајм-аут и промашувањето на Фернандез, Ертел го фаулираше Дејвис и славјето на навивачите на Барселона можеше да започне.
Миротиќ беше најефикасен кај Барселона со 19 поени, а Јокубаитис го следеше со 12 поени, но беше клучен во моментот кога Барса направи пресврт на крајот од третата и почетокот на четвртата четвртина. Кај Реал само Ертел заврши со двоцифрен учинок и постигна 10 поени.