Шпанците како и во серијата со белграѓани и овој пат се врати од мртвите, грчкиот тим беше подобар во најголемиот дел од средбата и имаше плус шест на стотина секунди до крајот (78-72). Но, тогаш на сцена стапи искуството на „кралевите“, кои со седум поени во низа дојдоа до минимална победа за 11. триумф во најсилното клупско натпреварување.
Серхио Родригез со 15 поени и девет асистенции беше најдобар кај Реал Мадрид, вклучувајќи ја и тројката во последната минута со кога го приближи својот тим на 77-78, пред последниот кош на три секунди до крајот да го реализира Серхио Љуљ, човекот кој смислено направи инцидент во пресметката со Партизан, која го сврти резултатот во серијата по низата казни. Валтер Таварес со 13 поени и 10 скока, пак, беше веднаш зад популарниот Чачо, што беше една од причините за МВП-признанието на фајналфор-турнирот. Саша Везенков со 29 поени беше најдобар кај Олимпијакос.