Кошаркарите на Црвена звезда го освоија Купот на Радивоје Корач, со победата од 85:68 над Партизан во финалето.
Клубот од Мали Калемегдан на тој начин ја одбрани титулата освоена минатата година, стигнувајќи до осмата титула во историјата на ова натпреварување и по тој параметар се израмни со вечниот ривал.
По победата во АБА лигата, избраниците на Дејан Радоњиќ ги совладаа избраниците на Жељко Обрадовиќ во ова финале за првиот трофеј сезонава.
Црвено-белите имаа предност од почетокот до крајот на натпреварот, разликата беше најмногу +23, а победата никогаш не беше доведена во прашање.
Најефикасен во редовите на победничкиот тим беше Никола Калиниќ со 18 поени, четири асистенции и три скока.
Го следеа Остин Холинс со 15 поени и пет асистенции, Нејт Волтерс со 14 поени и четири асистенции и Стефан Марковиќ со 13 поени.
Кај Партизан најдобри беа Матијас Лесор со 19 поени, Кевин Пантер додаде 14, Далас Мур 11 со пет асистенции, а двоцифрен беше Зак Ледеј со 10 поени.
Почетокот на натпреварот беше исклучително тежок, а првите поени беа забележани дури по три минути, кога Волтерс погоди по контра.
Звезда потоа влезе во серија од 10:0, што го принуди Обрадовиќ да го повика првиот тајм-аут на натпреварот.
Ги разбуди своите избраници кои брзо стигнаа до -2, сепак резервистот Стефан Марковиќ повторно им донесе нешто позначајна предност на црвено-белите.
На почетокот на втората четвртина Звезда повторно дојде до двоцифрена предност која малку по малку растеше.
Партизан многу се мачеше во нападот, на моменти блескаа Куруц и Ледеј, а во тие моменти недостигаше придонесот на домашните играчи кои не дадоа ниту еден кош во првото полувреме.
Максималната разлика во првиот дел од играта беше +23, а на големиот одмор Звезда пред се благодарение на Калиниќ и Марковиќ замина со 49:28.
Звезда подобро ја отвори третата четвртина, а проблемите за Партизан станаа поголеми со тоа што по само две минути излезе од бонусот.
Во третата четвртина Партизан намали на -17, Радоњиќ реагираше со тајм-аут, а Звезда набрзо го врати старото водство.
По техничкота за Обрадовиќ, втората ја заработи и Радоњиќ, кој на крајот од оваа четвртина мораше прерано да оди во соблекувална.
По 10 минути во овој период, разликата беше иста бидејќи четвртината заврши со резултат 18:18.
Партизан се обиде да направи чудо и пресврт во последната четвртина, но тоа едноставно не вроди со плод.
Единствено што успеаја е да стигнат до -15, сепак, и тој потенцијален налет брзо беше одбиен, па Звезда рутински го приведе мечот до крај.
Како што кажавме, Звезда и Партизан сега се изедначени по бројот на трофеи во Купот Корач , имаат по осум.
Двата тима ја продолжуваат борбата во АБА лигата, а по регионалното натпреварување за крајот на сезоната се закажани дуели во српската Суперлига.