Кошаркарите на Реал Мадрид се спасија во четвртфиналниот дуел со Партизан, преживувајќи го пеколот во „Штарк Арена“, откако успеа да победи со 82-80 и да намали на 1-2 во серијата со белградските црно-бели. Партизан успеа да прокоцка и плус 15 предност уште во првата четвртина.
Џинот од Зеленортските острови Валтер Тавареш беше незадржлив за четата на Жељко Обрадовиќ, откако даде 26 поени и имаше 11 скока, тотално доминирајќи во рекетот, а голема помош доби од Најџел Вилијамс-Гос, кој додаде 22 поени од кои 16 во второто полувреме за да донесат четврти меч, втор во Белград кој ќе биде уште попеколен во битката за пласман на фајнлфорот во Евролигата во Каунас (Литванија).
Партизан тргна брутално со 12-0, имаше и најголеми плус 15 пред крајот на првиот период кој на крај го доби со 32-19, но во вториот дел „кралевите“ брзо се вратија и на пауза заминаа само со три поени негатива, за во третиот период да направат комплетен пресврт и воглавно да бидат во предност.
Партизан во егал дојде на 77-77 во последните 100 секунди, но Вилијамс-Гос со тројка на 24 секунди пред крајот практично го реши победникот и таа тројка реши сѐ на крајот.
Кај Партизан, Ледеј и Смаилагиќ дадоа по 15 поени и беа најефикасни, а Нанали додаде 13. Следниот четврти меч, повторно во Белград, ќе се игра во четврток навечер.
Монако успеа да го освои Тел Авив и победи со 83-78 против Макаби во третиот меч за да поведе со 2-1 во серијата и да го врати загубениот „брејк“ на домашен терен во втората четвртфинална пресметка.