Шпанскиот репрезентативец Дани Олмо си поигра вечерва со Фрајбург и со гол, и хет-трик на асистенции за едно полувреме го прегази ривалот (5-1). Шпанецот е најзаслужен за триумфот на РБ Лајпциг, во финале на Купот на Германија ќе го брани трофејот освоен лани во мај.
Во реприза на ланското финале кое беше драматично, па „биковите“ на пенали дојдоа до трофејот, овојпат драма во полуфиналната пресметка воопшто немаше, зашто сѐ беше решено уште во првиот дел, кога до врв Лајпциг го наполни Фрајбург.
Сѐ почна по само 13 минути кога Олмо погоди за водство, а минута подоцна Шпанецот ја запиша првата асистенција за Бенџамин Хајнрикс да го дуплира водството. Во 37-та минута Доминик Шобослај погоди третпат за Лајпциг на втора асистенција на Олмо. Во првата минута од надополнувањето во првиот дел и Кристофер Нкунку се запиша во листата на стрелци, а Шпанецот дојде до хет-трик на асистенции.
Јошко Гвардиол во 58-та доби црвен картон, а Фрајбург со фудбалер повеќе успеа само да дојде до почесен гол преку Михаел Грегорич на 15 минути пред крајот. Осум минути во надополнувањето на крајот, брилјантната ноќ Лајпциг ја круниса и со петти гол, втор за Шобослај со гол од пенал за конечни 5-1.
Во второто полуфинале играат Штутгарт и Ајнтрахт Франкфурт.