Со триумфот над Германија за првпат во историјата, репрезентацијата на Србија е освојувач на бронзениот медал на Олимписките игри.
Во мечот за третото место, „орлите“ убедливо го совладаа светскиот шампион Германија, со 93-83 и обезбедија место на подиумот. Денеска водеа од почетокот до крајот, а триумфот против Германија е одмазда за поразот во ланското финале од Светското првенство.
Дека Србите се решени да одат на победа, покажа уште почетокот кога поведоа со 9-3, за на крајот од првата четвртина да биде веќе 30-21. Серија од 7-0 на стартот од вториот квартал ја однесе Србија на +14 (37-23), а најмногу што успеаја да се доближат Германците до крајот беше -8 во неколку наврати. Сепак, победата на српската селекција во ниеден момент не беше доведена во прашање.
Прв играч на мечот беше Никола Јокиќ кој оствари трипл дабл со 19 поени, 12 скока и 11 асистенции за индекс 36. Се истакна и Мициќ со 19 поени и Богдановиќ со 16. Франц Вагнер со 18 поени ја предводеше Германија.