Бостон го одбрани домашниот терен во натпреварот број 3 и со резултат 116:100 дојде до предност од 2-1 во финалната серија над Вориорс.
Има и еден неверојатен податок, а тоа е дека кошаркарите на Бостон Селтикс цели 38 години немаат пораз во финалниот меч пред домашните навивачи .
Селтикси одлично го отворија натпреварот и во првите две минути од натпреварот веќе постигнаа три тројки преку Џејлен Браун и Ал Хорфорд, а по осум минути кошарка резултатот беше 24:9 во нивна корист.
Кари и Томпсон не почнаа добро и тоа се почувствува, па избраниците на Име Удока по првите 12 минути остварија 33:22, за следната четвртина да биде доста изедначена и многу ефикасна, па на полувреме резултатот беше 68 :56 во корист на Бостон.
Сите веќе знаат дека треба да се пазат од Вориорс во третата четвртина, дури и ако имате 20 поени предност. Бостон имаше 11, но тогаш подзастанаа па следеше серија од 12:0, во режија на Дрејмонд Грин, Стеф Кари и Клеј Томпсон.
Од 79:66 дојдовме до 82:83 и првото водство на Вориорс после првиот кош на мечот кој го постигна Кевон Луни. Сепак, Бостон успеа да се врати во водство и да ја започне последната четвртина со 93:89.
Џејлен Браун, Џејсон Тејтум и Маркус Смарт постигнаа поени кога беше важно да се одбие ударот, а не смее да се заборави и настапот на „Тајмлорд“, Роберт Вилијамс.
Бостон брзо дојде до двоцифрено водство, бидејќи по кошот на Грант Вилијамс беше 102:91 на семафорот, а Удока веќе не мораше да се грижи, па неговиот тим стигна до победа од 116:100.
Најефикасен беше Џејлен Браун со 27 поени, со 9 скока и 5 асистенции, додека Џејсон Тејтум забележа 26 како и 6 скока и 9 асистенции, а Маркус Смарт имаше 24 со 7 скока и 5 асистенции, а двоцифрен беше и Ал Хорфорд со 11 и Грант Вилијамс со 10 поени, додека Роберт Вилијамс имаше 8 поени и 10 скока.
Кај Вориорс повеќе од половина од поени постигнаа Кари и Клеј, Стеф постигна 31 и беше најефикасен поединец, додека Томпсон постигна 25, Ендрју Вигинс мечот го заврши со 18 поени, а Џордан Пул со 10.
Селтикси ќе можат да стигнат до фамозните 3-1 во серијата пред домашната публика во „ТД Гарден“ ноќта меѓу петок и сабота, исто така од 3 часот по полноќ.