Денвер нагетс е првиот тим кој се пласира во конференциско финале во НБА-лигата, откако победи ноќеска и ја затвори серијата против Феникс со 4-2, славејќи на гостински терен, со 125-100.
И покрај тоа што Денвер одигра монструозно прво полувреме, добивајќи го со 81-51, сепак натпреварот го одбележа уште еден феноменален перформанс на Никола Јокиќ, со 32 поена, 10 скока и 12 асистенции. Ова беше негов 11. трипл-дабл во плејоф настапите, со што се изедначи со Џејсон Кид, на вечната листа, која ја предводи Меџик Џонсон со 30.
Исто така, Јокиќ ја заврши целата серија со Феникс со просек од 34,5 поени, 13,2 скока и 10,3 асистенции по натпревар и стана само третиот кошаркар кој завршил една плејоф серија со трипл-дабл просек додека има 30 или повеќе поени. Другите двајца се Леброн Џејмс и Расел Вестбрук, двајцата од 2017 година.
Кошаркарите на Денвер сега ќе имаат повеќе одмор, додека го дознаат противникот во финалето на Западот, ЛА Лејкерс или Голден стејт вориорс. Во нивната серија „езерџиите“ водат со 3-2 и имаат меч-топка на домашен терен претстојнава ноќ.
Филаделфија имаше можност да го направи истото како и Денвер, но не го искористи натпреварот пред своите гледачи и загуби од Бостон со 86-95. Во ноќ со многу промашувања, Бостон одигра подобра завршница, која го реши победникот. Филаделфија постигна само три поена во последните шест и пол минути, Селтикс направија серија од 14-1 во тој период и стигнаа до победата.
Жоел Ембид ги предводеше стрелците со дабл-дабл од 26 поена и 10 скока, а Маркус Смарт беше најдобар кај Бостон со 22 коша и по седум асистенции и скокови. Со ова Бостон изедначи на 3-3 и ја врати предноста на домашен терен во седмиот натпревар, предвиден за ноќта недела кон понеделник.