Многу интересни случки понуди синоќешната програма во НБА-лигата, а најинтересните центри беа Детроит, Атланта, Њу Орлеанс и Чикаго.

Навидум ништо посебно не требаше да биде дуелот меѓу 13-от и последниот 15-ти тим во Источната конференција, но Орландо и Детроит најдоа начин како да го привлечат вниманието. Во последната минута од вториот период, по една топка трчаа Мо Вагнер од Орландо и Килијан Хејс од Детроит. Вагнер го турна Хејс и го прати на сопствената клупа.

Меѓутоа Вагнер веднаш беше опколен од кошаркари на Детроит, па Хамиду Дијало го турна, а Хејс, кој во меѓувреме станал го удри со тупаница по тилот. Од овој удар Вагнер се струполи во бесознание кај столчињата на противничкиот тим. Се вклучија сите играчи од двата тима, но кошаркарот на Орландо бргу го кренаа со вратена свест. Судиите ги исклучија и Вагнер и Хејс и Дијало, а Детроит и без двајцата го доби натпреварот со 121-101.

„Најжешкиот“ тим во лигата и понатаму се Бруклин нетс, забележувајќи ја десеттата победа во низа, овој пат на гостувањето кај Атланта, со 108-107. Победничкиот кош го постигна Кевин Дурент, но на минута и нешто до крајот, а потоа ниту еден од тимовите не го најде обрачот. Дурент го заврши мечот со 26 поени, 16 скока и осум асистенции, а Кајри Ирвинг постигна 28. Со оваа победа, Бруклин се изедначи со Милвоки на второто место од Истокот, затоа што и Бакс претрпеа пораз.

 

Совладани беа во Чикаго и тоа по едно продолжение, со 113-119. Во основниот дел имаа 106-104 и напад на 11 секунди до крајот, но загубија топка уште од изведување аут, Чикаго изедначи и се избори за екстра-време, а потоа го материјализира тоа во победа. Јанис Адетекумпо го загуби мечот, но ја доби поентерската трка со Демар Дерозан, со 45 поени и 22 скока. Бекот на Чикаго имаше 42 со 10 скока.

 

За споменување е и личниот рекорд на Зајон Вилијамсон со 43 поени во победата на Њу Орлеанс со 119-118 над Минесота. Тој ги постигна последните 14 поени за својот тим, заслужувајќи ја четвртата победа по ред, со што ги остави Пеликанс на чело на Западот.

На останатите средби:

 

Вашингтон – Феникс     127-102

Мајами – ЛА Лејкерс     112-98

Голден стејт – Јута         112-102

Сакраменто – Денвер   127-126