Естонците се покажаа како подобар противник уште од самиот старт, додека жолто-црвените колку-толку се држеа се до крајот на првото полувреме, кога ривалот со тројка во последните секунди дојде до првото двоцифрено водство (43-33). Тоа како да им даде дополнителен мотив на кошаркарите на Естонија, кои до средината на третиот период веќе имаа плус 20 (60-40), со што го најавија крајниот епилог.
Кај селекцијата на Македонија убедливо најпрецизен на овој меч беше Марко Миловановиќ со 18 поени, додека зад него беа Андреј Митевски со осум и Павел Данаиловски со седум поени. Голем хендикеп за нашата селекција беше неиграњето на повредениот Андреј Андоноски.
Жолто-црвените викендов ќе играат за пласман од 5-8 место на ЕП во Тбилиси, каде што прв ривал ќе ни биде поразениот од второто денешноп четвртфинале помеѓу Србија и Летонија.