Кошаркарската федерација на Македонија и Драган Бајиќ постигнаа спогодба за прекин на соработката, соопшти денеска КФСМ.
„Од оправдани причини, односно здравствени проблеми со кои се соочува во изминатиот временски период, г. Драган Бајиќ повеќе не е во можност максимално посветено да одговори на обврските кои со себе ги носи работењето во сениорскиот национален тим.
Земајќи ја предвид потребата машката „А“ селекција да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збиднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клубски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се сложија околу прекинувањето на соработката.
Во оваа прилика, би сакале да му се заблагодариме на Драган Бајиќ, како и на неговите соработници, Адмир Прасовиќ и Александар Кукриќ за досегашното работењe со нашата најдобра селекција“, стои во соопштението од Федерацијата.
Бајиќ стана селектор на македонската репрезентација во април 2021 година, а дебитираше во август, во претквалификациите за Светското првенство. Првата пречка ја мина успешно, но во квалификациите не успеа да оствари ниедна победа.
Федерацијата нема многу време во изборот за наследник на Бајиќ бидејќи за три недели почнуваат подготовките за претквалификациите во кои противници ни се Словачка, Данска и Норвешка.