Кошаркарите на Бугарија во Ботевград го совладаа актуелниот светски шампион со 67-62 и го направија најголемото изненадување во првите два круга од квалификацискиот циклус. Клучна беше последната четвртина во која Бугарија направи пресврт и од -6 дојде до победата.
Пред крајот на третиот и почетокот на последниот период, Бугарите направија серија од 11-0, светскиот првак подоцна успеа повторно да го преземе водството, но во драматичниот финиш, домашната репрезентација успеа да се одбрани.
Кошаркарот на Басконија, Коди Милер Мекинтаер беше најефикасен со 23 поени, вклучувајќи го и кошот со кој ја однесе Бугарија на +5 на седум секунди пред крајот. Оскар да Силва за Германија постигна 15 поени.