Во последните три сезони, Ливерпул по вторпат го освојува трофејот во англискиот Лига куп откако во денешното финале, како и пред две години, го совлада тимот на Челзи.
Во 2022 година „црвените“ беа подобри на пенали, а денес триумфираа со 1-0 благодарение на голот на Вирџил ван Дајк во 118. минута откако по основниот дел на дуелот не се тресеа мрежите на двете екипи. Победата на Ливерпул добива на значење поради тоа што Јирген Клоп не можеше да смета на повеќе од половина играчи од стартната постава (вклучувајќи го и најдобриот стрелец Мохамед Салах), во првото полувреме се повреди и Гравенберх, а во финишот заиграа играчи од резервниот тим.
Ако победеше Челси, херој ќе беше српскиот голман Петровиќ кој одбрани неколку стопроцентни шанси на противничките играчи. Една од нив и на две минути пред голот на Ван Дајк кога во два наврата спречи топката да влезе во мрежата. Свои шанси за гол имаше и Челси чии фудбалери упатија 19 шута кон противничкиот гол.
За Ливерпул ова е десетти трофеј во англискиот Лига куп и сега има два пехара повеќе од второпласираниот Манчестер Сити. Екипата останува во игра за дури четири титули оваа сезона бидејќи е лидер во Премиер лигата, еден од фаворитите во Лигата Европа и се уште во конкуренција за триумф во ФА Купот. Што се однесува до Челси, тимот за кого се потрошени над 700 милиони фунти последните две години се уште не може да дојде до пехар.