Дуелот во Тексас беше неизвесен само во првата четвртина, по што „телињата“ ја презедоа контролата и постепено само ја зголемуваа предноста за сигурен триумф. Клучен фактор во триумфот на Далас, секако, беше Лука Дончиќ, кој беше на „милиметар“ до нов трипл-дабл со оглед што средбата ја заврши со 26 поени, 13 скока и девет асистенции. Најефикасен кај „мавси“ беше Џален Брансон со 28 поени, додека Краудер со 19 и Букер со 18 беа најпрецизни кај „сонцата“.
Домашниот терен го искористија и „сиксерси“ во речиси идентичен меч како во Тексас, во кој гостите беа рамноправен ривал само во првиот период. Дени Грин и Тајрис Макси со по 21 поени беа најефикасни кај Филаделфија, додека Џоел Ембид доминираше со 18 поени и 11 скока, додека Џејмс Харден средбата ја заврши со 17 поени, осум скока и шест асистенции. На Мајами залудна му беше фантастичната игра на Џими Батлер, кој постигна 33 поени.