Бохум ја победи Арминија со 2-1 во претпоследното бундеслигашко коло сезонава, па го спакува тимот од Билефелд за Цвајта (Втора лига), зашто само чудо сега може да го спаси овој клуб од директна преселба во понизок ранг.
Арминија со поразот остана на 27 бода, два помалку од Штутгарт кој е на позицијата за бараж и „швабите“ утре играат со Баерн Минхен, кого и да не го победат, им останува последната рунда во која ќе им треба домашен триумф со Келн или пак нов кикс на Арминија во пресметката со Ред Бул Лајпциг, клубот што се бори за место во ЛШ.
Американеџот Џорџ Бело е трагичарот на денот откако си даде автогол на минута пред крајот за победата на Бохум, кој поведе со гол на Полтер по 22 минути игра, а израмни Нилсон во 35-та минута.
И кога сѐ изгледаше дека Арминија ќе освои бод за надеж, иако сами не решаваат за судбината и зависат од настапите на Штутгарт, на крај Бело си погоди во мрежата и скоро да стави точка на обидите за спас. Арминија вака сѐ поизвесно е дека ќе му се придружи на Гројтер Фурт во втора лига.