Трајковски во Палермо му се приклучи на староседелецот Илија Несторовски и пристигна со трансфрер вреден еден милион евра од белгиски Зулте Варегем во 2015 година. Во Палермо за 4 сезони постигна 16 гола и асистираше 13 пати. Во 2019 година замина во Мајорка две сезони, а од оваа година е член на дански Алборг. Последните три сезони нема постигнато ниту еден гол.
Затоа пак за Македонија максимално е расположен за реализации и има вкупно 19. Сега го чека полуфиналниот бараж во градот кој му остана во срцето, па враќањето во Палермо ќе биде посебно емотивен за него, а и за вториот македонски репрезентативец Илија Несторовски, кој три години беше дел од сицилијанскиот клуб.
„Доаѓањето во март на ‘Ренцо Барбера’ ќе биде едно враќање дома. На овој стадион за Палермо одиграв над 50 меча и секако дека враќањето ќе биде со посебни емоции. Мислам дека исто ќе биде и за Несто (Несторовски – н.з.). Плус, ќе играме против европскиот шампион и јасно е дека нѐ чека тежок меч, но сите сме возбудени и желни да се вратиме со позитивен резултат и да испишеме нова страница од македонската фудбалска историја“, вели Трајковски.
Македонскиот офанзивец има многу убави сеќавања од времето минато на Сицилија и не крие дека еден ден би сакал да се врати во Палермо, кој моментно се натпреварува во Серија Ц, но како нов клуб со нов грб, име и регистрациски број.
„Тоа што бев ‘десетка’ на Палермо беше голема чест за мене, со гордост и чест го носев дресот, а во Палермо имав прекрасен живот, климата и градот беа одлични, храната преубава, најмногу време минував во Мондело, посебно место за долги прошетки покрај морето. Би сакал да се вратам во Италија, посебно во Палермо. И ќе кажам, таму каде што ти било многу убаво, секогаш посакувате да се вратите со цело срце“, додава Трајковски.