Србинот постигна 26 поени, и имаше дури 22 скока во триумфот на Денвер во Лос Анџелес против ослабениот Клиперс со 103:100.
Српскиот ас Никола Јокиќ и оваа сезона игра на МВП ниво. Денвер е послаб од претходните години, па Сомборецот презема се во свои раце.
Домаќинот пак цела сезона игра без првата ѕвезда Каваја Ленард, а се повреди и втората суперѕвезда Пол Џорџ, па се очекува триумф на гостите.
Актуелниот МВП на најсилната лига во светот има феноменална сезона. Го подигнува просекот во однос на претходната година, игра се подобро и подобро во одбраната и стигна до историски бројки: 25,9 поени, 13,5 скока и 7,2 асистенции по натпревар.
Против Клиперс беше значително подобар кога се во прашање скоковите. Доминираше под двата обрачи, имаше дури 22 фатени топки што е негов рекорд во кариерата, од кои шест офанзивни скока, а мечот за малку ќе го заврши со трипл-дабл ефект. Тој имаше осум асистенции. Бројот на поени беше на нивото на неговиот просек – 26, доволно за да ги победи Клиперс и да ја прекине серијата од два порази Денвер.