Еден од најдобрите македонски кошаркарски тренери, Емил Рајковиќ не е повеќе тренер на руски Автодор Саратов, откако овој клуб настрада од жестоките санкции што светот ѝ ги воведе на Русија, после руската агресија врз Украина почната од пред една недела.
Рајковиќ емотивно се збогува од својот доскорешен клуб со кој беше првопласиран во ФИБА Еврокупот, а во „топ четири“ во ВТБ-лигата, пред да се случи руската инвазија по што руските клубови добија исклучувања. Сега ќе се соочат со сериозни проблеми за опстанокот, поради финансиски проблеми наметнати со санкциите кон голем број на компании, банки…
„Тажен сум за предвремениот крај на сезоната за некои од нас во тимот, но горд што ја предводев оваа посебна група на луѓе, која покажа победнички менталитет и беше одлучна да ги оствари најголемите успеси во историјата на Автодор Саратов. Знам дека нашите верни навивачи ќе нѐпаметат многу години како извонреден тим , кои даваа сѐ на секој меч во „Кристал Арената“ и низ сите паркети во Европа и Русија. Во ‘топ четири’ во ВТБ-лигата и први во ФИБА Еврокупот е голем резултат, но освојувањето на срцата на нашите, па и на многу руски неутрални навивачи беше најголема победа оваа сезона“, објави Рајковиќ.