Се чинеше дека Данците многу лесно ќе дојдат до триумфот бидејќи на полувреме имаа +5 (15-10), на средина од вториот дел +6 (26-20), а во самиот финиш и +4 (31-27). Сепак, Словенците не се предадоа, направија серија од три гола и се доближија на само -1 за во последните секунди да дојдат до позиција и да израмнат. Тогаш на сцена стапија чешките судии Хорачек и Новотни кои не досудија очигледен пенал за Словенците со кој тие можеа да израмнат и да се изборат за продолженија. Дури и ја проверуваа ситуацијата преку ВАР, но на крајот заклучија дека нема услови за седмерец.
Микел Ландин со шест гола беше најефикасен кај Данците, а по пет постигнаа Хансен и Јоргенсен. Бомбач со седум погодоци беше прв стрелец во словенечката репрезентација.
Во неделното финале против Германија, Микел Хансен ќе има можност со голем трофеј официјално да ја заврши играчката кариера. Словенија, пак, против Шпанија ќе се бори за својот прв медал на Олимписките игри.