Жолто-црвените на мускули дојдоа до посакуваните бодови, пред се поради фанатичната дефанзива во четвртиот период, во кој како да ставија „капак“ на кошот, па противникот осум минути не постигна ниту еден кош(погодија само едно слободно фрлање). Нашите момци во тој период направија серија 15-1, со која негативата од седум поени (61-68) во 32. минута ја претворија во злато вреден триумф со кој го задржаа максималните шанси за првото место во групата.
Словаците се покажаа како жилав противник, со оглед што водеа повеќе од три четвртини, со највисоки плус 11 (53-42), но немаа сили да издржат во овој ритам до крајот. Најава за чудесниот пресврт почна со уште една луда тројка на Ненад Димитријевиќ за 66-68, налик на таа за победа во Нествед, а финишира со уште еден негов проектил на триестина секунди до крајот со кој стави крај на надежите на противникот. Во овој период блескаше и Андреј Јакимовски, кој покажа дека во иднина ќе биде важен фактор во играта на жолто-црвените.
Димитријевиќ со 20 поени, четири скока и седум асистенции одново беше прво име во македонската чета, со напомена дека овој пат не форсираше туку играше за екипата за што говори речиси двојно помалиот број упатени шутеви. Јакимовски и Војдан Стојановски дополнија со по 15 поени, додека одлична партија одигра и Стојан Ѓуроски со 12 поени, кој одлично го казнуваше честото преземање на противникот во играта два на два со Димитријевиќ.
Во вториот денешен меч, Норвешка по Словачка ја прегази и Данска (99-75) и се наметна како најголем конкурент на Македонија за лидерската позиција на табелата, која единствена води во квалификациите за ЕП 2025. Избраниците на селекторот Александар Јончевски шанса да се издвојат на врвот ќе имаат веќе во ноември, кога следуваат следните два претквалификациски меча, обата на домашен терен и тоа прво против Норвешка (10 ноември), а потоа и против Данска (13 ноември).