После огненото крштевање против Франција, македонските ракометарки се подготвени да го одиграат и вториот натпревар на Европското првенство, против Холандија, вечерва од 18 часот.
Холандија е репрезентација, која претставува пример за тоа како може од просечноста да се вивне до златниот сјај. Беа повремени учесници на европските и светските првенства, кога игравме во иста квалификациска група за ЕП 2010 и двапати се разделивме со реми (20-20 во Ротердам, 28-28 во „Кале“). Само пет години подоцна играа финале на Светско првенство, следната 2016 играа за трофејот и на Европско првенство, а конечно, во 2019 година станаа светски шампионки.
Нивниот квалитет е неспорен, иако тоа не е идентичната генерација, која нанижа пет медали во периодот од 2015 до 2019 година. На ланскиот Мундијал, Холанѓанките завршија деветти, со само една победа над европска селекција, над Романија со 31-30. Нецела година подоцна, повторно се соочија со Романките, завчера во „Борис Трајковски“ и ги совладаа со 29-28, потврдувајќи дека не се совршени, дека имаат мани и недостатоци.
Македонија, предводена од Љубомир Савевски и неговиот стручен штаб треба да знае да ги искористи, но пред се да не бега од сопствениот концепт на игра. А тоа е цврстата одбрана, која ја запре Франција на 24 гола и многу поразновиден напад, ако сака да биде конкурентна. По три репрезентации од секоја група ќе ја минат оваа прелиминарна фаза и ќе се пласираат во главната.