Александар Јончевски својот селекторски мандат го почна со слатка победа на гости кај Данска (73-70), до која дојде по чудесниот шут од сопствена половина на Ненад Димитријевиќ со звукот на сирената.
Тоа не ја намалува радоста кај веќе искусниот стратег, кој, сепак, не дозволува да го фати еуфорија. Јончевски вели дека славје и тоа мало ќе има само во Нествед, а потоа ќе се заборави денешната победа и сите мисли ќе се насочат кон неделниот дуел на домашен терен против Словачка во СРЦ „Кале“.
„Од првиот ден од подготовките се спремавме само за овој меч за Данска, од индивидуалните карактеристики, до најситните детали во играта на противникот. Голем дел од договарањето за тимска одбрана го спроведувавме одлично и во двата дела од играта – да удвојуваме на низок пост. Сите барани детали ги реализиравме. Нормално имавме и грешки, но верувам дека во деновите кои следуваат ќе ги поправиме. Победата ја забораваме, тоа веќе им го реков на играчите во соблекувалната, затоа што се ќе биде залудно, сиот овој труд вложен овде, ако не ја победиме Словачка во Скопје. Славењето, макар и скромно, ќе биде во Нествед и ќе биде доволно. Нè чека уште многу работа“, изјави Јончевски по деби-победата како селектор на Македонија.
Во нашата група е уште и Норвешка, која денеска изненадувачки на гостински терен ги прегази Словаците (87-68). Пласман во квалификациите ќе обезбеди само првопласираната селекција на табелата.