Кошаркарите на Далас маверикс ноќеска загубија на домашен терен во пресметката со Чикаго булс (112-115) со што и математички останаа без шанси за место барем во плејинот во НБА-лигата.

Причините за поразот се фактот што Лука Дончиќ ја одигра само првата четвртина, додека Кајри Ирвинг воопшто не беше во тимот на „телињата“. Ова ќе биде второ пропуштено доигрување за словенечкиот интернационалец, прво по дебитантската 2018/19 сезона. Ова се смета за најголемо чудо сезонава во најсилната лига на светот, со оглед што составот од Тексас на стартот од годината беше четвртопласиран на Западот, по што решија да се засилат со суперѕвездата Ирвинг. Но, тој не се снајде најдобро во двојка со Дончиќ, по што почнаа поразите, кои резултираа со пропуштање на плејофот.

 

Филаделфија севентисиксерс дури и со резервистите ја совлада Атланта хоукс (136-131) по едно продолжение, со цел носителите на играта, меѓу кои е и Џоел Ембид, да добијат одмор пред почетокот на вистинските пресметки за титулата. Бруклин нетс, пак, со триумфот против Орландо меџик (101-84) и математички го осигура доигрувањето.

 

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Хјустон 109-112, Индијана – Детроит 115-122, Вашингтон – Мајами 114-108, Атланта – Филаделфија 131-136 (п), Бостон – Торонто 121-102, Бруклин – Орландо 101-84, Милвоки – Мемфис 114-137, Њу Орлеанс – Њујорк 113-105, Далас – Чикаго 112-115, Сакраменто – Голден стејт 97-119, ЛА Лејкерс – Феникс 121-107.