НБА драфтот веќе одлучи за кој клуб ќе игра еден од најпосакуваните млади кошаркари во историјата, Французинот Виктор Вембањама. Младиот 19-годишен кошаркар речиси сигурно ќе ја продолжи својата кариера во најсилната светска лига и тоа во дресот на Сан Антонио Спарс, кои беа избрани како тим кој ќе го има првиот „пик“ на годинешниот драфт.
Спарс веројатно нема да имаат тежок избор и сосема очекувано е 220-сантиметри високиот центар да се пресели во овој легендарен тим.
Вембањама е неверојатен талент, кој доминира на теренот и е најдобриот стрелец, скокач и блокер во француската лига.
Најмногу шанси за прв пик на драфтот имаа Хјустон Рокетс, Сан Антонио Спарс и Детроит Пистонс поради нивните најлоши резултати минатата сезона, а среќата за прв избор ги посака тексашаните.