Гостите одиграа фантастична прва четвртина, во која постигнаа седум тројки и дојдоа до 35-21, што се покажа сосема доволно за да слават на крајот. Украинците зголемија и до плус 17 (47-30), па како да ги подразбуди жолто-црвените. Следуваа 14 поени во низа за македонските кошаркари, со кои ја вративме надежта за евентуална историска прва победа во еден меч за пласман на Мундобаскет. До средината на последниот период одржувавме достижна негатива, но гостите со серија 8-0 повторно дојдоа до двоцифрена предност (69-57), по што намаливме на минус три (68-71), но не и повеќе од тоа.

Андреј Јакимовски уште еднаш покажа дека е светла иднина на макбаскетот, со оглед што натпреварот го  заврши со 17 поени и девет скока, додека зад него беа Војдан Стојановски со 15 и Бојан Крстевски со 13 поени. Свјатослав Михалик со 24 поени (шест тројки) беше најдобар кај Украина.

Во вториот меч од нашата група, Грузија ѝ го нанесе првиот пораз на Шпанија (82-76). Шпанците сега имаат скор 4-1, Грузија има 4-2, Украина е трета со 3-2 додека Македонија е последна со 0-6. Последниот дуел по кој ќе се знае конечната табела се игра в четврток, кога Шпанците ќе им гостуваат на украинските кошаркари во Летонија.