Од своето основање во 2013 година, компанијата „Сити Фудбал Груп“ откупи, целосно или делумно, акции на дури 11 светски клубови.
Последен во низата, со кој се комплетираат тие 11 клуба, е италијанскиот Палермо, чијшто мнозински удел на сопственост е откупен, додека актуелниот сопственик Дарио Мири ќе задржи 20 отсто и ќе остане претседател на клубот и на бордот на директори.
„Нашата цел е да влеземе во Серија А во следните неколку години. Палермо е историски голем клуб и има силен и горд идентитет“, изјави Ферано Сориано, извршен директор на новите сопственици.
„Нашиот план е амбициозен, но овој клуб и треба на Серија А. Нема да биде лесно, но ќе мора да работиме напорно. Италија е една од највозбудливите и најстрасните фудбалски земји во светот, со богата историја на националниот тим и клупски успеси, како и страсни навивачи.Воодушевени сме што „City Football Group“ го прошири своето присуство во Италија“, додаде Сориано.
CFG е основана во Абу Даби и досега, за девет години, влезе во Манчестер Сити, Њујорк Сити, Мелбурн, Јокохама Маринос, Мондевидео Сити, Жирона, Сечуан, Мумбаи, Ломел, Троа и сега Палермо.
Некои на шега би рекле дека наскоро ќе можат да основаат сопствена Суперлига.